Македонија

Најголемиот пожар е на Криволак, а три се активни

Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов рано утрово со полициски хеликоптер изврши извидување на трите активни пожари.

„Најголемиот пожар е на дел од подрачјето на воениот полигон Криволак каде дејствуваат еден армиски и еден полициски хеликоптер. Воените магацини се дополнително осигурани и се целосно безбедни. Вториот пожар се наоѓа во атарот на с. Калуѓерица во близина на магистралниот пат Радовиш – Струмица каде е зафатена дабова шума, и по интервенција на ТППЕ Радовиш пожарот е ставен под контрола“, вели ЦУК.

Третиот пожар е пожарот кој во текот на вчерашниот ден гореше во атарот на с. Требичино, во општина Василево, струмичко.

„Пожарот во текот на ноќта го намали својот интезитет, чади на некои места но нема видлив активен оган. Во овој момент на лице место се екипи на ТППЕ Струмица. Доколку се разгори дополнително ќе се донесе одлука за евентуално гаснење од воздух поради непристапноста на теренот. Во состојба на подготвеност за дејство е и Ер тракторот на Дирекцијата за заштита и спасување“, додава ЦУК.

На почеток