Покренато обвинение: Три лица и болницата се криви за пожарот во тетовската модуларна болница каде 14 лица загинаа


Ексдиректорот на тетовската болница Флорин Бесими, раководно лице на висока полиција и доктор кој се грижел за ковид болните во кобното време се обвинети за пожарот во тетовската модуларна болница, каде 14 лица загинаа. Обвинителствто бара тие да одговараат, па поднесе обвинителен предлог. Заедно со нив е обвинето и правното лице, односно болницата.
„Двајцата првообвинети се товарат дека сториле по едно кривично дело – Тешки дела против општата сигурност по чл.292 ст.4 в.в. со чл.288 ст.4 в.в. со ст.2 од Кривичниот законик, третиот обвинет сторил кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија по чл.206 ст.1 од Кривичниот законик, додека обвинетото правно лице сторило кривично дело – Предизвикување општа опасност по.5 в.в. со ст.4 в.в. со ст.2 и кривичното дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија согласно чл.206 ст.2 в.в. со ст.1 од Кривичниот законик“, велат од Јавното обвинителство.
Досега јавно беа обелоденети само детали од извештајот којшто го изготвија македонските крим-техничари кои на 10 октомври го доставија својот извештај до обвинителите коишто ја водат истрагата. Македонските крим-техничари утврдија дека пожарот во модуларната болница во Тетово настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабелна дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат.
Ова беше единствениот конкретен податок којшто укажуваше која била иницијалната каписла за избувнувањето на пожарот. Неколку месеци подоцна својот извештај го доставија и германските експерти коишто вршеа вештачење во странски лаборатории. Деталите од документот не беа објавени во јавноста, но делови од него, според обвинителите, се поклопуваат со сознанијата на македонските крим-техничари.
Вечерта на 8 септември во тетовската модуларна болница за ковид-пациенти се случи една од најголемите трагедии во историјата на државата. Потврдена беше смртта на 14 лица кои биле директни жртви на огнената стихија. Најмалку 12 лица беа повредени.
