Актуелно

Лавров го обвини Западот: „САД и ЕУ се виновни“

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров при посетата на Африка зборуваше за глобалното поскапување на храната, за што ги обвини САД и Европската унија.

Во разговор со африкански дипломати во Адис Абеба, главниот град на Етиопија, Лавров кризата со храна ја нарече „таканаречена“. Тој ја даде изјавата по посетата на неколку африкански земји кои се најпогодени од недостигот на храна, пренесува Индекс.

За потсетување, многу африкански земји зависат од увоз на жито од Русија и Украина. Ова е причината зошто неколку африкански лидери ја посетија Москва пред неколку недели и изразија загриженост за недостигот.

Имено, од почетокот на рускиот напад на Украина, црноморските пристаништа на таа земја се блокирани, што го оневозможи извозот на жито. Лавров минатата недела рече дека неодамна потпишаниот договор за ставање крај на блокадата за да се овозможи безбеден извоз на тони блокирана пченица од Украина „можеше да биде потпишан одамна, одамна, доколку западот не беше тврдоглав“.

Тој ги обвини САД и ЕУ дека се одговорни за порастот на цените на храната поради „бесмислените“ зелени политики и трупањето резерви на храна за време на пандемијата на Ковид-19.

„Ситуацијата во Украина навистина имаше негативно влијание врз пазарите на храна, но не поради руската специјална операција, туку поради неадекватната реакција на Западот, кој воведе санкции кон Русија“, рече тој.

Западните земји постојано истакнуваат дека храната е изземена од сите санкции против Русија и ја обвинија Москва дека е виновна за глобалната криза со храна.

На почеток