Скопје

За просечна сметка за топлинска енергија од 1800 денари, зголемувањето на сметката ќе изнесува 250 денари

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) донесе одлуки со кои се зголемува крајната цена на испорачаната топлинска енергија на потрошувачите снабдувани од БЕГ за 14,18%. За просечна сметка за топлинска енергија од 1800 денари, зголемувањето на сметката ќе изнесува 250 денари.

„Цела Европа и регионот имаат сериозни проблеми во енергетскиот сектор заради превисоките цени на енергетските ресурси и намалените количини на природен гас што се увезуваат од Русија. За производство на топлинска енергија користиме увозен природен гас чија цена денес е околу 10 пати повисока од цената во јули 2021 година. Енергетските компании што вршат снабдување со топлинска енергија побараа зголемување на цената и до 78%. Во денешните одлуки зголемувањето на цената за најголемиот број потрошувачи кои се снабдуваат од БЕГ е само 14,18% што се должи на значајната субвенција во цената на топлинската енергија за домаќинствата од страна на Владата. Според одлуките се предвидува ТЕ-ТО да обезбеди 70% од потребната топлинска енергија, а 30% да се обезбедат од топланите. Доколку ТЕ-ТО не работи и ако нема субвенции од државата, цената ќе се зголемеше за над 100%. Доколку не е можно да се увезат потребните количини на природен гас за производство на топлинска енергија во ТЕ-ТО и топланите, тогаш сета потребна топлинска енергија ќе мора да се произведе во топланите со користење на мазут, што е многу неповолно од еколошки аспект, и е ризично заради потенцијалната неможност да се обезбедат потребните количини на мазут. Апелирам сите потрошувачи, почнувајќи од институциите на централно и локално ниво, во следната грејна сезона да ги следат препораките на ЕУ за штедење и намалување на греењето, бидејќи еден степен намалување на температурата овозможува заштеда на енергенс од околу 5%“, изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

На почеток