Свет

Британија го враќа украденото богатство

Музејот во Лондон денеска објави дека се согласил да ја врати колекцијата на бронзи од Бенин, украдени кон крајот на 19 век во денешна Нигерија.

Враќањето ќе се случи во време кога културните институции низ ОК се под притисок да ги вратат артефактите стекнати за време на колонијалната ера.

Музејот Хорниман во југоисточен Лондон соопшти дека ќе ја пренесе колекцијата од 72 предмети на нигериската влада.

Одлуката е донесена по официјалното барање на Националната комисија за музеи и споменици на Нигерија, направено претходно оваа година и по консултации со членовите на заедницата, уметниците и децата од училиштата во Нигерија и Велика Британија, соопшти музејот.

„Доказите се многу јасни дека овие предмети се добиени со сила и надворешната консултација го поддржа нашиот став дека е морално и соодветно тие да бидат вратени во Нигерија“, рече Ев Саломон, претседателка на управниот совет на музејот.

Колекцијата Хорниман е мал дел од 3.000 до 5.000 артефакти украдени од Кралството Бенин во 1987 година, кога британските војници го нападнаа и го окупираа градот Бенин, а Велика Британија го прошири своето политичко и комерцијално влијание во Западна Африка.

Само тој музеј има повеќе од 900 предмети од Бенин, а Националните музеи на Шкотска има уште 74. Други предмети се во музеи ширум светот.

Предметите вклучуваат барелјефи, човечки и животински фигури и предмети од кралски облеки во бронза и месинг направени од уметници од кралскиот двор во Бенин. Општото име на бронзата од Бенин понекогаш се однесува на предмети направени од слонова коска, корали, дрво и други материјали покрај металните скулптури. Нигерија и Германија неодамна потпишаа договор за враќање на стотици бронзи од Бенин.

Ова следи по одлуката на францускиот претседател Емануел Макрон минатата година да предаде 26 дела познати како Богатството Абоми, уметнички дела од 19 век од кралството Дахомеј, денешен Бенин во Западна Африка. Но, британските институции реагираа побавно.

На почеток