Свет

Српскиот министер за здравство ги посети повредените во Бугарија: Едно дете оперирано, на возачот му е ампутирана ногата

Министерот за здравство Златибор Лончар по посетата на повредените во несреќата во Бугарија изјави дека нема загинати.

„Ги посетивме сите деца и возрасни и разговаравме со нив. Едно дете беше оперирано, како и возачот кому му беше ампутирана ногата“, изјави Лончар за Радио телевизија Србија.

Лончар, кој со колегата од Бугарија ги посети повредените во болницата во градот Стара Загора, изјави дека разговарал со децата и возрасните и дека оперираното дете се чувствува добро.

Едно дете има повреди на главата и ќе биде префрлено во Софија на понатамошно лекување, каде ќе биде оперирано“, нагласи Лончар.

Тој најави дека превозот на децата кои се добро ќе се организира, за да не одат роднини да ги земат и да не создаваат дополнителни проблеми.

Тој напомена и дека ќе ги посети и децата сместени во хотелот и им се заблагодари на сите што се вклучија во Бугарија за децата и возрасните од Србија да бидат соодветно згрижени по несреќата.

Осум деца и четворица возрасни се повредени кога српски автобус паднал во канал и се превртел на автопатот за Софија, Бугарија.

Најголем дел од повредените се деца, кои, како што е потврдено, претежно се членови на фолклорниот ансамбл ЈУ-ЛИРА од Батајница.

Децата се враќале од фестивалот во градот Несебар, а со нив биле и нивните родители. Засега не е позната причината за несреќата, но според сведочењето на еден патник, автобусот излетал од патот во моментот кога возачот се наведнал да го спушти совозачкото седиште, за да може на него да седне родител со болно дете.

На почеток