Свет

Ал Џезира бара правда за новинарката која беше убиена од израелските сили

Поминаа 100 дена од бруталното и целно убиство на новинарката на Ал Џезира, Ширин Абу Аклех во Палестина од страна на израелските окупаторски сили, јавува Anadolu Agency (AA).

Ал Џезира Балканс објави дека ладнокрвното убиство на Ширин Абу Аклех предизвика меѓународна осуда на обидот на израелските окупаторски сили да ги замолчат медиумите со убиството на новинарката.

„Доказите открија до каде отидоа израелските окупациски сили во обид да ја фалсификуваат приказната за да избегнат меѓународна цензура и гонење. Во текот на изминатите 100 дена, независна истрага беше нарачана од Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации и спроведена од страна на истакнати меѓународни медиумски куќи. Сите истраги дојдоа до истиот заклучок: потврдување на изјавите на очевидци дека Ширин Абу Аклех била убиена од израелските окупаторски сили. Поддржана од овие наоди, Ал Џезира продолжува да повикува на независна и непристрасна меѓународна истрага“, се вели во соопштението.

Како дел од својата глобална кампања да ги изведе пред лицето на правдата одговорните за убиството на Ширин Абу Аклех, Al Jazeera Media Network мобилизираше меѓународни правни експерти да ги достават списите на предметот до Канцеларијата на обвинителот на Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг.

Мрежата ги повикува сите меѓународни организации за човекови права и слобода на медиумите, влади, новинари и влијателни лица да ги фокусираат своите напори во четврток, 18 август, барајќи правда за Ширин Абу Аклех и одговорност за нејзините убијци.

„Медиумската мрежа Ал Џезира го обновува своето ветување до семејството на Ширин и колегите ширум светот дека останува посветено на нејзината кауза и немилосрдно во напорите да обезбеди правда за Ширин Абу Аклех“, се заклучува во соопштението.

На почеток