Јапонија распоредува ракети, ја зголемува способноста да одговори во случај на напад
Јапонија размислува да распореди 1.000 крстосувачки ракети со долг дострел за да ја зголеми способноста да одговори во случај на можен кинески напад.
Според весникот „Јомиури“, повикувајќи се на извори од владата, постоечките ракети ќе бидат модифицирани за да се зголеми нивниот дострел од 100 километри на 1.000, пренесува Ројтерс.
Оружјето, лансирано од бродови или авиони, ќе биде стационирано главно околу јужните острови Нансеи и би можело да стигне до крајбрежните области на Северна Кореја и Кина, пишува јапонскиот весник.
Британската агенција наведува дека претставници на јапонското Министерство за надворешни работи не одговориле на барањето за коментар за овој извештај на јапонскиот весник.
Регионалните тензии се зголемија претходно овој месец откако претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, го посети Тајван, за кој Кина тврди дека е нејзина територија.
По посетата на Пелоси, Пекинг спроведе воени вежби и лансираше проектили во близина на Тајван и во ексклузивната економска зона на Јапонија.