Човекот кој не се надева дека ќе биде подобро, многу побавно напредува и со повеќе борба ги остварува целите, бидејќи не верува во потенцијалите на сопствената личност, пишува Зоран Крстевски, доктор по филозофски науки, едукатор, мотиватор и тренер за личен развој, за вечер.пресс.
Во животот клучна е надежта, но, не зависи сé од надежта, туку зависи и од визијата, од позитивните активности и од стремежот да го реализираме тоа што го посакуваме. Без оглед на ограничувањата со кои се соочуваме, битно е афирмативно да размислуваме, да се надеваме и да осознаеме дека нештата зависат од нашите активности, од добрата мисла и од позитивната визија. Сепак, ако правиме разлика помеѓу надежта и визијата, ќе утврдиме дека визијата е многу позначајна од надежта.
Имањето визија е знак дека знаеме што треба да направиме – таа е стремеж кон иднината и во корелација со иницијативноста, претставува главен патоказ за остварување на целите. Визијата е неопходна и во љубовните односи, зашто кога знаеме што сакаме, тогаш многу полесно ќе го оствариме тоа што го сакаме.
Надежта е очекување дека Бог или судбината ќе помогнат позитивните нешта да се случат, дека ќе постигнеме успех или можеби ќе добиеме помош од другите.
Надежта е верување дека ќе биде подобро, а визијата е знаење како да биде подобро.
Недостигот на визија е како одење низ магла, без ориентир и сознание дали патот по кој се движиме е втемелен врз здрави и сигурни основи. Впрочем, доколку не преземаме акција за промена на нештата во животот, ниту надежта, ниту визијата нема да ни донесат позитивни остварувања.
Многу од луѓето се научени на конформизам – удобно да седат и сé што посакуваат, автоматски да им биде реализирано. Овие поединци треба да разберат дека без активност и иницијатива, ништо добро не може да се оствари.
Денес најбитни се корисно потрошеното време, информацијата и знаењето – тие на човекот му налагаат конструктивно и продуктивно да располага со сопствените рационални ресурси. Во структурата на луѓето е да стекнуваат информации и да даваат информации, со цел знаењето да вроди со плод и да им донесе успех и хармонични односи со другите. Секој од нас е должен постојано да акумулира знаење, да има визија, да ги проширува своите ментални капацитети и позитивно да ги пренесува своите информации. Затоа, треба да поседуваме корисни информации, но и да внимаваме кон што и кон кого ја насочуваме целокупната своја енергија. Притоа, од исклучителна важност е своето знаење да го искажеме во област што ќе ни донесе успех, односно својата информација да ја пренесеме на лица кои умеат соодветно да ја примат и разберат. Секој разумен и практичен човек треба да ја има на ум поуката од Новиот завет: “Бисерите не треба да се фрлаат пред свињите”.
Сепак, од голема важност е да умееме да правиме разлика помеѓу знаење и мудрост. Имено, може да имаме разни знаења, но тие знаења можеби се само вештини за извршување одредени професионални задачи. Мудрост е кога умееме стекнатите знаења да ги оплодуваме низ животот, односно да се снаоѓаме во критични ситуации; да наоѓаме решенија за проблемите; да пронајдеме визија како да дејствуваме; умно да постапуваме кога ќе бидеме испровоцирани; да не се изместуваме поради лошите луѓе и ситуации итн. Ако живееме според начелата на мудроста, тогаш колку и да ни е тежок животот, ќе пронајдеме решение и полека, но сигурно ќе ги воспоставиме успехот и реализацијата. Затоа, мошне значајно е да ги осознаеме своите цели и стремежи и постојано да се надградуваме. Поразително е доколку тврдиме дека доволно знаеме и дека нема потреба да вложуваме во личниот развој и да се надградуваме.
Во животот не треба да приоѓаме со отпор, туку да го воспоставиме законот на привлечност и позитивна вибрација.
Со негување на законот на привлечност, многу нешта може да ни се отворат и да не однесат кон патеката на позитивните можности. Затоа, перцепцијата треба да ни биде афирмативна и секогаш да ја гледаме поубавата страна од своето постоење.
Најголема мудрост е кога умееме да станеме, тогаш кога ќе паднеме.
Патувајќи низ искушенијата на животот ние доживуваме разни падови, разочарувања, тешкотии. Тие се составен дел од постоењето. Некои падови се случуваат со цел да сфатиме каде грешиме и преку научената лекција да тргнеме кон вистинските вредности. Човекот кој не ја научил лекцијата на болките и страдањата, никогаш нема да ги реализира потенцијалите и да се искачи на врвот од успехот.
И покрај акумулираните искуства и знаења, секогаш ќе има подеми и падови, така што суштината не е во откажувањето, туку во определбата да продолжиме настојчиво и посветено да се движиме кон целта. Притоа, доколку, не задесат копнежи, немири, преиспитувања, стравови и ограничувања, должни сме да собереме сила и да се соочиме со тешкотиите. Кога знаеме што сакаме и кога храбро им се противставуваме на ограничувачките влијанија, шансите за успех ќе ни бидат многу поголеми. Напредокот нема да пристигне, ако постојано исчекуваме и ништо не преземаме тоа да се случи.
Треба да излеземе од стегите на сопствената личност и да тргнеме кон убавините на животот.
Тоа ќе го постигнеме, доколку имаме надеж и визија дека ќе биде подобро. Првично треба да се справиме со сопствените слабости, да преиспитаме со што се карактеризираме, да ги препознаеме своите вредности и да согледаме дали тие вредности се присутни и кај саканата личност. Сличноста со сличност се привлекува. Ако сме духовно ориентирани, тешко дека ќе оствариме однос со неморална и нестабилна личност. Нашите енергии ќе се одбијат, наместо да се привлечат. Дури и ако се случи да оствариме одреден однос, тоа ќе биде за кратко, бидејќи нема да постои силен темел врз кој ќе се потпира импулсот на љубовта. Секој бира и привлекува личност соодветно на духовното и енергетско ниво што го поседува. Кога потиснуваме некоја карактерна слабост, недоволно се сакаме и прифаќаме себеси, веројатно ќе привлечеме партнер кој емоционално ќе не повреди, и со самото тоа ќе не научи повеќе да се самопочитуваме.
Неретко, изборот на партнер го покажува степенот на развој на нашата личност и на што треба да работиме, со цел поубаво да се чувствуваме со самите себе. Колку и да е тешко и напнато во одредена љубовна врска, треба да знаеме дека сé тече и сé се менува. Сé е прогресија, еволуција, трансформација и регенерација.
Најопасна е пасивизацијата и немањето надеж, стремеж и визија да се промениме и подобриме, односно да ги исчистиме нештата кои долго време сме ги потиснувале. Многу често не сакаме да се соочиме со неубавите ситуации, бидејќи бегаме од вистината дека љубовната врска ни е во криза; немаме разбирање со партнерот; се чувствуваме осамено; тотално сме отуѓени на емоционален и сексуален план. Постојано велиме: ќе дојде моментот кога ќе се справам со проблемите.
Зошто, тој момент да не е токму сега. Да се има визија е знак дека знаеме кога и како да успееме. Но, не е доволно само да знаеме, туку да направиме сé што е потребно за да успееме. Многу од проблемите се надминливи (депресија, анксиозност, криза, страв), посебно доколку постои мудрост, волја, свест и визија.
Тие нешта треба да ги вметнеме во себеси, да ги воспоставиме како вредност и да направиме се што е во наша моќ за да се хармонизираме и стабилизираме на психофизички план. Но, ако нештата не се одвиваат како што посакуваме, не треба да се обесхрабруваме, да губиме надеж и да немаме визија.
Суштината е да имаме јасно поставена цел, која ќе биде оплодена со визија, поткрепена од надеж и водена од ентузијазмот и иницијативноста. Без иницијативност ќе стоиме во место, а колку повеќе стоиме во место, толку побрзо пропаѓаме во живиот песок на егзистенцијата. Најважно е да иницираме методи за придвижување на нештата. Првото дејствие произлегува од афирмативната мисла: Позитивно ќе мислам; позитивно ќе се надевам и позитивно ќе ги восприемам нештата. Втора вредност е зборот: Наместо да ширам лоши, депресивни и песимистички тонови, ќе искажам убави, афирмативни зборови – ќе пофалам, ќе се заблагодарам, ќе пренесам позитивна информација, ќе ги поттикнам другите да ја пронајдат вредноста во себе. Клучна е третата вредност, која подразбира иницирање позитивно дело.
Со позитивната мисла и позитивниот збор, нужно се отвораме за позитивното дело. Кога правиме позитивно дело, нашата аура станува светлосна и тогаш привлекуваме личности со слична фрекфренција на размислување и со нив градиме симбиоза на хармонија и посветеност. Овие нешта не се лесни за воспоставување, бидејќи луѓето сé повеќе се отуѓуваат и поретко се отвораат и размислуваат за позитивните нешта на животот.
Клучно е да се соочиме со тешкотиите и да сфатиме дека не вредат најголемите задоволства, ако потоа следат и најголемите страдања. Треба да ја бараме и воспоставиме златната средина. Кога ќе разбереме дека во животот не постојат само успехот и среќата, исто како што не постојат само кризите и уназадувањата, ќе можеме да се справиме со ограничувањата и да уживаме во позитивните мигови на радоста.
Колумна на Зоран Крстевски, доктор по филозофски науки, едукатор, мотиватор и тренер за личен развој, за вечер.пресс
