„Меркел може да има одредена улога во одреден момент од војната“, вели украинскиот амбасадор во Германија


Амбасадорот на Украина во Германија во заминување, Андриј Мељник, смета дека поранешната германска канцеларка Ангела Меркел би можела да посредува во понатамошниот тек на војната во Украина.
„Верувам дека г-ѓа Меркел, но само ако сака, во одреден момент од војната, може да има одредена улога“, рече Мељник.
Тој рече дека има впечаток дека рускиот претседател Владимир Путин се уште ја почитува Меркел.
Мељник за магазинот „Шпигел“ изјави дека поради ова Меркел може да даде свој придонес во моментот кога Путин бара стратегија за „излез“. Тој изрази надеж дека Меркел ќе го има истиот став и рече дека би било штета целосно да се повлече од политиката.
На прашањето за поранешниот канцелар Герхард Средер, Мељник рече дека ги потрошил сите свои шанси.
Инаку, Меркел во средината на јуни во интервју, на прашањето дали ќе биде достапна како посредник во изнаоѓање решение за Украина, рече дека тоа прашање во моментов не се поставува.
Сепак, таа додаде дека нејзиното влијание кај Путин исчезнало кон крајот на нејзиниот мандат.
