Свет

Индекс: „Нашиот здравствен систем е совршен, но виновни се пациентите затоа што не преживуваат“

Хрватската јавност ја крена на нозе случајот со Владимир Матијаниќ, кој со денови се обидуваше да добие лекарска помош, а на крајот почина.

Хрватскиот портал Индекс во својот коментар наведува дека Министерството за здравство на чело со кадарот на ХДЗ Вили Берош се обидело на јавноста да и го објасни невозможното, а тоа е фактот дека покојниот Владимир Матијаниќ не добил соодветен лекарски преглед во четири дена, а тоа всушност не претставува грешка на здравствениот систем.

„Понатаму, здравствениот систем на функционерите е совршен и не треба да се менува, никој во системот не згрешил, а виновен е само пациентот. Затоа што не преживеа“, оценува Индекс.

Во текстот се наведува дека Матијаниќ починал во петокот на 5 август, по неколкудневно барање помош од сплитските лекари, а итната помош одбила да го однесе во болница. Имаше Сјогренов синдром (автоимуна болест на сврзното ткиво) и белодробна болест, како и две сомнителни автоимуни болести. Тој бил заразен и со Ковид.

Со денови, наводно, се обидувал да стигне до лекар бидејќи немал сила ни да оди. „Вратете се за пет дена ако не се подобри“ и „уринирајте во тенџере до креветот“ се, меѓу другото, советите што ги добил од медицинските работници во Сплит.

Кога конечно пристигнала брзата помош, тој побарал да го хоспитализираат поради неговата лоша состојба, но тие одбиле со објаснување дека има „нормални симптоми на Ковид“, игнорирајќи ги сите други дијагнози.

Истата екипа на итната медицинска помош пристигнала час и половина подоцна, неуспешно го реанимирале и на крајот констатирале смрт.

На низа прашања по овој случај, Министерството за здравство и нивната инспекција дадоа одговор: „Не забележавме значителни пропусти“.

Нема одговор на прашањето како пациентот починал без преглед за четири дена, пишува Индекс и додава дека Министерството за здравство дава неубедливи одговори на сите прашања по смртта на Матијаниќ, кои упатуваат во насока дека Матијаниќ бил несовесен пациент, кој не ги следел упатствата на лекарот. Тоа е лага, пишува Индекс, кој изнесе и низа детали и објаснувања колку пати Матијаниќ се јавил и им објаснил на медицинските работници во каква состојба се наоѓа, молејќи за помош.

„Ви благодариме на сите за учеството, да научиме нешто, сите да бидеме похумани и повнимателни“, заклучи министерот Берош на крајот од двочасовната прес-конференција, на која сите сакаа да ја уверат јавноста дека нашето здравство е совршено, и самиот пациент е виновен бидејќи починал, заклучува хрватскиот портал.

На почеток