Свет

Велика Британија најави протерување на мигрантите од Албанија

Властите на Велика Британија се борат со зголемување на бројот на мигранти кои го преминуваат Ла Манш со мали чамци, главно од Албанија.

Британските власти најавуваат забрзување на депортацијата на барателите на азил.

Британската имиграциска служба брзо ќе ги депортира барателите на азил од Албанија, во обид да го спречи приливот на луѓе кои влегуваат во земјата ризикувајќи ги своите животи, пренесува АП.

Британскиот министер за внатрешни работи Прити Пател рече дека шверцерите и организираните банди го злоупотребуваат британскиот имиграциски систем.

Бројот на Албанци кои го преминуваат Ла Манш со бродови е драстично зголемен во последните месеци, иако во соопштението на Министерството за внатрешни работи, Велика Британија ја смета Албанија за безбедна земја.

Во првата половина од годинава во Велика Британија со чамци преку каналот Ла Манш влегле 12.747 лица, што е двојно повеќе во споредба со истиот период лани.

Од тој број, 2.165 се Албанци, а Албанците и Авганистанците се најголемата група мигранти кои илегално со бродови влегуваат во Британија.

Министерот Пател разговараше со албанскиот министер за внатрешни работи Бледар Чучи, кој рече дека неговата земја се обидува да ги обесхрабри обидите за нелегален и опасен влез во ОК.

Двајцата министри разговарале и за отворање нови работни места за албанските работници кои ќе им овозможат легален престој во Британија.

По тој состанок беше најавено и дека британското Министерство за внатрешни работи ќе започне кампања за спречување на приливот на мигранти, како и за зголемување на затворските казни и можноста за депортација поради прекршување на имиграцијата.

На почеток