Нирвана го доби спорот за насловната страница на албумот „Nevermind“
Бендот Нирвана го доби спорот против Спенсер Елден, чија фотографија е на насловната страница на нивниот албум „Nevermind“ од 1991 година.
Тогаш на насловната страница на албумот на „Нирвана“ се најде Спенсер Елден, фотографиран како голо четиримесечно бебе, кој поднел тужба за „детска порнографија“.
Американскиот окружен судија во Лос Анџелес во одлуката забележал дека Елден долго чекал да ја обвини „Нирвана“ за сексуална експлоатација, бидејќи поминале 10 години откако дознал за насловната страница.
Во овој случај обвинети беа членовите на музичката група Дејв Грол и Крист Новоселиќ, вдовицата на поранешниот пејач Курт Кобејн, Кортни Лав, неколку издавачки куќи и фотографот Кирк Ведл.
„Нирвана“ користеше фотографија направена од Ведл во 1991 година на базен во Пасадена, Калифорнија, на која се гледа како Елден плива гол кон банкнотата за долар прободена со кука за корицата на албумот.
„Долготрајната неправда што ја претрпе вклучува, но не е ограничена на, екстремна емоционална болка со физички манифестации, нарушување на неговиот нормален развој и образовен напредок, губење на работни места, трошоци за медицински и психолошки третман…“ се наведува во тужбата.
Албумот Nevermind е продаден во повеќе од 30 милиони примероци.