Магазин

Тајланд воведува туристичка такса од 8 евра

Почнувајќи од следната година, сите странци кои ќе влезат во Тајланд ќе треба да плаќаат влезница од 300 бати, т.е. 8 евра. Туристичката такса требаше да се воведе на почетокот на годинава, но таа беше одложена.

Таксата ќе биде воведена следната година – веројатно до 1 јануари 2023 година – според министерот за туризам на Тајланд, Фифат Рачакитпракарн.

Странците кои летаат во Тајланд се обврзани да платат влезница, без оглед на нивниот визен статус. Сите странци кои престојуваат во Кралството Тајланд помалку од 24 часа ќе бидат ослободени од плаќање, соопшти Министерството.

Граѓаните на Тајланд и оние кои поседуваат тајландски пасош ќе бидат ослободени од туристичка такса. Странците со работна дозвола, дипломатите и децата до две години најверојатно ќе бидат ослободени од данок за престој, иако министерството допрва треба да го потврди тоа, пишува Putoholicari.hr.

Министерството за туризам се уште одлучува дали таксата ќе важи за странците кои влегуваат во Тајланд по копно и море.

Како Тајланд има намера да ги искористи парите од туристичката такса засега останува тајна. Од Министерството за туризам велат дека данокот ќе се троши за развој на туристички капацитети.

Сепак, Министерството, исто така, рече дека данокот ќе делува како осигурување од несреќа за туристите кои ќе западнат во неволја за време на нивниот престој – но точните детали за тоа какви видови инциденти се опфатени или како функционира полисата за осигурување допрва треба да се објават.

Надоместокот се подготвува од 2020 година, но идејата наиде на отпор кај некои страни, што може да биде уште една причина за нејзиното одложување.

На почеток