Русија чека детали за формирање демилитаризирана зона околу Запорожје
Русија се уште чека конкретни детали за иницијативата за формирање демилитаризирана зона околу нуклеарната централа Запорожје, вели постојаниот претставник на Русија во ОН.
Василиј Небензја, коментирајќи ја можноста за демилитаризирана зона околу нуклеарната централа, која претходно во вторникот ја предложи генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, рече дека генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш ја претставил оваа иницијатива „пред неколку месеци“, пренесува Тасс.
„Значи, првото прашање што тогаш го поставив беше: Сакам да ги знам деталите. Така е и сега. Не знам што мисли со тоа генералниот директор Гроси или до кој степен тоа би ја подобрило безбедноста“, изјави рускиот дипломат за новинарите.
Тој најави и дека „во сегашните околности демилитаризацијата нема да биде мерка за заштита на објектите“.
„Единствениот разумен начин да се осигура дека централата е заштитена од нуклеарни несреќи е да се запре украинското гранатирање на централата“, рече Небензја.
Во вторникот, МААЕ ги сумираше резултатите од својата инспекциска посета на нуклеарните постројки во Украина, вклучително и нуклеарната централа Запорожје, и објави соодветен извештај.
Во својот извештај МААЕ повика на итно воспоставување безбедносна зона околу нуклеарната централа Запорожје.
Неколку часа подоцна, генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, преку видео-врска му објави на Советот за безбедност на ОН дека наскоро на страните ќе им ги испрати своите предлози за безбедноста на нуклеарната централа Запорожје, јави Тасс.