Украинските сили во контраофанзива, го нападнаа градот Балаклија
Украинските сили го нападнаа градот Балаклија во областа Харков, кој е под контрола на Русија, соопшти функционерот на самопрогласената ДНР, Данил Безсонов.
Киев не даде попрецизни информации во врска со контраофанзивата, пренесува Ројтерс.
Гувернерот на Луганската област Серхи Гајдаи за украинската телевизија, без да ја прецизира локацијата, објави дека „контранападот е во тек“, а силите на Киев „бележат одреден успех“, но не даде повеќе информации.
Советник на украинскиот претседател претходно на Твитер објави дека претседателот Володимир Зеленски ќе добие „одлични вести“ за операцијата во североисточниот регион Харков, пренесува Ројтерс.
Меѓутоа, во вечерното обраќање Зеленски само накратко ги спомна операциите во регионот Харков, но најави дека во вторникот биле соборени пет руски крстосувачки ракети, од кои повеќето на југ, наведува британската агенција.
Во вторникот, официјален претставник на проруската самопрогласена Доњецка народна република, Данил Безсонов, даде подетален извештај за борбите во Балаклија, град со 27.000 жители меѓу Харков и Изју под контрола на Русија.
„Денеска, украинските вооружени сили, по долготрајна артилериска подготовка… започнаа напад врз Балаклија…“, објави Безсонов на Телеграм, додавајќи дека руските сили во Изум, доколку градот се изгуби, ќе станат ранливи на нивното северозападно крило.
Тој исто така рече дека во овој момент Балаклија е „во оперативно опкружување и во дострелот на украинската артилерија“, како и дека „сите приоди се отсечени со оган“.
Вадим Крохмал, член на градскиот совет на Купјанск, град источно од Харков кој е под руска контрола во последните пет месеци, објави видео на интернет во кое ги повикува жителите да не учествуваат на ниту еден референдум за приклучување кон Русија што може да се организира.
„Многу наскоро, украинските вооружени сили ќе го ослободат Купјанск. Ние го знаеме тоа, ние сме сигурни во тоа“, рече официјалниот претставник, советувајќи ги луѓето да подготвуваат залихи со храна.