САД ја обвини Москва за воено злосторство
САД денеска ја обвини Москва дека извршила воено злосторство со насилно депортирање Украинци во Русија.
Тие објавија и дека имаат информации дека руските функционери ги следат таканаречените операции на филтрирање.
„Овие операции се насочени кон идентификување на поединци за кои Русија смета дека се недоволно усогласени или компатибилни со нејзината контрола“, изјави американската амбасадорка во Обединетите нации Линда Томас-Гринфилд на седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации, пренесе Ројтерс.
Таа рече дека според проценките од различни извори, вклучително и од Москва, властите „испрашувале, притвориле и насилно депортирале“ меѓу 900.000 и 1,6 милиони Украинци во Русија по почетокот на руската инвазија кон крајот на февруари.
„Присилниот трансфер или депортација на заштитени лица од окупираната територија на територијата на окупаторот… претставува воено злосторство“, рече таа.
Рускиот амбасадор во ОН Василиј Небензја го опиша состанокот на Советот за безбедност на ОН како губење време и нова пресвртница во кампањата за дезинформации што ја започнаа Украина и нејзините западни поддржувачи.
Тој рече дека Украинците кои патуваат во Русија минуваат низ процедура за регистрација, а не процедура за филтрирање. Небензја изјави дека Русија бара утре да се одржи состанок на Советот за безбедност на ОН во врска со испораката на западно оружје во Украина.
„Ние сме за тоа да зборуваме за реални, а не за имагинарни проблеми. И бидејќи денес изгубивме време зборувајќи за уште една шпекулација и фантазија, предлагаме утре да разговараме за вистинската закана за меѓународниот мир и безбедност создадена од снабдувањето со оружје и воени производи од странски земји до Украина“, рече тој на состанокот на Советот за безбедност на ОН, кој беше свикан денеска на иницијатива на САД и Албанија.