Свет

Ерменија и Азербејџан се согласија за прекин на огнот

Ерменија и Азербејџан се согласија за прекин на огнот кој стапи на сила во средата во 20:00 часот по локално време.

Армен Григорјан, секретар на ерменскиот совет за безбедност денеска изјави дека прекинот на огнот е постигнат благодарение на меѓународните напори.

„Благодарение на напорите на меѓународната заедница, се договоривме за прекин на огнот со Азербејџан од 20:00 часот на 14 септември“, рече тој во интервју за ерменската телевизија, пренесува Тас.

Советот за безбедност на Обединетите нации денеска ќе одржи уште една средба во врска со неодамнешната ескалација на ситуацијата на ерменско-азербејџанската граница, соопштија ОН.

Средбата ќе се одржи на барање на Ерменија, а Советот за безбедност на ОН во среда на консултации зад затворени врати расправаше за ситуацијата на границата меѓу овие две земји, додека денешната седница ќе биде отворена за јавноста.

Ерменија и Азербејџан, кои со децении се борат за Нагорно Карабах, меѓусебно се обвинуваат дека доцна вечерта на 12 септември започнале серија гранични судири.

Според ерменскиот премиер Никол Пашинјан, во овие судири загинале 105 ерменски војници.

Азербејџанското Министерство за одбрана објави дека 50 азербејџански војници биле убиени во обновените непријателства меѓу двете земји, пренесе Тасс.

На почеток