МААЕ: Поправен е еден од четирите главни далноводи на Запорожје
Еден од четирите главни далноводи на нуклеарната централа Запорожје е поправен и повторно ја снабдува нуклеарката со електрична енергија од украинската мрежа две недели по дефектот, соопшти денеска Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).
Иако шест реактори во Запорожје, најголемата европска нуклеарна централа, се исклучени, горивото во нив сè уште треба да се олади, објави Ројтерс.
Тоа значи дека на централата и е потребна електрична енергија за да пумпа вода низ јадрото на реакторот.
Напојувањето во Запорожје беше извор на голема загриженост откако последната главна линија се прекина, а потоа беа исклучени три резервни линии што можеа да го поврзат со блиската електрана на јаглен.
Ова ја поттикна централата да премине во таканаречениот „островски режим“ за време на кој нејзиниот последен оперативен реактор испорачуваше енергија, иако тој режим не е одржлив.
Резервниот далновод беше повторно приклучен пред една недела, што овозможи да се исклучи и тој реактор.
Со повторното поврзување на главната линија вчера попладне, трите резервни далноводи повторно се чуваат во резерва, се вели во соопштението на МААЕ.
Останатите три главни надворешни далноводи кои беа изгубени претходно во конфликтот се уште се во прекин, се вели во соопштението.