Израелскиот премиер на средба со турскиот претседател Ердоган
Израелскиот премиер Јаир Лапид и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се сретнаа во вторникот на маргините на Генералното собрание на ОН.
Тоа е првпат лидерите на двете земји да зборуваат во живо од 2008 година, соопшти кабинетот на израелскиот премиер.
Двајцата лидери разговараа за енергетиката, која стана клучна област на соработка откако односите меѓу двете земји се подобрија во последните месеци.
Лапид му се заблагодари на Ердоган за размената на разузнавачки информации и укажа на барањето на Израел за враќање на четворицата израелски државјани, од кои двајца војници, кои се водат како исчезнати во Појасот Газа од 2014 година, се наведува во соопштението на кабинетот на израелскиот премиер.
Поради конфликтот околу палестинското прашање, односите меѓу Израел и Турција се заладија, иако се подобрија во последните месеци, а енергијата стана клучна област на соработка.
Турција долго време го поддржува палестинското исламистичко движење Хамас, кое владее со Газа и се смета за терористичка организација од голем дел од Западот.
Таквиот однос честопати беше точка на расправија во напорите за обновување на врските меѓу Турција и Израел, потсетува Ројтерс.
Анкара беше налутена од убиството на 10 турски активисти за време на судирите што избувнаа кога израелски маринци упаднаа на бродот, кој се обиде да ја пробие израелската поморска блокада на Појасот Газа.