Свет

Путин ја крена ЕУ на нозе, свикан итен состанок

Министрите за надворешни работи на Европската унија ќе одржат итен состанок во Њујорк, соопштија дипломати.

Состанокот ќе се одржи откако рускиот претседател Владимир Путин нареди делумна мобилизација, објави Ројтерс.

Министрите за надворешни работи на ЕУ се во Њујорк на годишниот собир на светските лидери во Обединетите нации.

Путин претходно денеска изјави дека станува збор за делумна мобилизација, односно за регрутирање само на оние граѓани кои моментално се во резерва, а пред се на оние кои служеле во вооружените сили и имаат одредена воена специјалност и соодветно искуство, пренесе АП.

Тој нагласи дека ги брани руските територии и дека Западот сака да ја уништи Русија.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, денеска изјави дека најавата на Путин, која вклучува потези за анексија на делови од украинската територија и заканата за употреба на нуклеарно оружје за одбрана на Русија, покажува паника и очај.

„Министрите треба да разговараат за оваа закана, да ја повторат својата постојана поддршка за Украина и да ја предупредат меѓународната заедница за неприфатливата ситуација во која Путин не доведува сите“, изјави Борељ за новинарите, пренесе Ројтерс.

Тој рече дека министрите ќе разговараат за продолжување на воената поддршка на Украина и можните нови санкции против Русија.

„Јасно е дека Русија сака да ја уништи Украина“, нагласи Борељ. „Нема да се плашиме“, додаде тој.

Борељ рече дека, иако ЕУ ја поддржува Украина, таа не учествува во војната.

Тој рече дека не планира да се сретне со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Њујорк оваа недела.

На почеток