Бајден: „Русија сакаше војна“


Американскиот претседател Џозеф Бајден изјави дека Русија бесрамно ги прекршила принципите на повелбата на Светската организација со „брутална и непотребна војна“ во Украина.
Во своето обраќање пред Генералното собрание на ОН, тој додаде дека никој не и се заканувал на Русија, и дека само Русија сака војна и дека тоа е војна на еден човек, пренесе Ројтерс.
Бајден, исто така, истакна дека целта на војната е целосно да се задуши правото на Украина да постои како држава и како народ.
„Нашиот свет претрпе големи промени во последната година. Со пандемијата, инфлацијата и војната во Украина. Русија се обиде да избрише една земја од мапата. Путин денеска отворено и се закани на Европа со нуклеарно оружје. Сега тој повикува на нови војници да се приклучат на војната. Кремљ организира нелегални референдуми за припојување на териториите на Украина кон Русија. Путин вели дека Русија била загрозена, но никој не и се заканувал на Русија и никој друг не го видел конфликтот. Предупредивме дека доаѓа. Зборовите на Путин ја открија неговата цел и пред инвазијата тој рече дека Украина никогаш немала вистинска државност”, рече Бајден.
