Магазин

Светски познатиот пијанист Дејан Илијиќ и стипендист на Беркли настапува вечерва на „Крај Вардарот Џез“

Вечерва, со почеток во 20 часот во камерната сала на Македонската филхармонија започнува фестивалот „Крај Вардарот Џез“. Фестивалот е во организација на дискографската куќа „ПМГЏез“.

На првата интернационална фестивалска вечер настапуваат извонредни музичари од регионот, Спејс Трио (Space Trio) од Бугарија и најреномираниот српски џез состав, Ејот (Eyot).

Дејан Илијиќ е светски познат пијанист и фронтмен на водечкиот српски џез состав „Ејот“, кои романтично и еклектично комбинираат џез со локални и светски етно мотиви. Ејот се најзафатениот српски џез ансамбл, според бројот и фреквентноста на настапите ширум светските џез арени.

По повод нивниот настап вечерва, Дејан Илијиќ вели:

„За Скопје не врзуваат многу нешта, а првенствено фактот дека нашиот прв албум „Horizon“ го снимивме во вашиот град, во студиото „F.A.M.E.S“ во 2009-та година. Конечно ќе имаме извонредна можност да го претставиме нашиот материјал пред скопската публика. Покрај музичките настапи со Ејот, имам и динамична концертна соло кариера. Досега, имам издадено 6 албуми, најмногу за соло клавир, а пишувам музика и за филм и театар. Минатата година, запишав специјализација на Беркли, отсек филмска музика и оркестрации за филм и тв. Само пред еден месец, од Беркли добив „Berklee Celebrity Scholarship“, врз база на мојата досегашна работа. Се доделуваат вкупно 16 стипендии, а за мојот отсек 2. Ова е огромен поттик и потврда дека сум на добар пат. Моментално работам на музиката на Ејот, аранжирана за симфониски оркестар и се надевам дека публиката ќе има можност да ја слушне во блиска иднина“, вели Илијиќ.

Помеѓу многуте изведби, Ејот имаат настапувано на Џез фестивалот во Дубаи 2010, победата на МИДЕМ натпреварот во Кан 2011, турнејата низ Азија во 2012, настапот на Белградскиот Џез фестивал во 2013та, концерти во култните џез клубови во Лондон (Jazz Café), Париз (Sunset Sunside), Цирих (Moods), Јокохама, како и огромната руска турнеја во 2018та година. Својот четврти албум го снимија заедно со фамозниот продуцент Стив Албини во Чикаго.

Вечерва, покрај Ејот во рамки на фестивалот настапуваат и Спејс Трио, формација од добро познати музичари од бугарската вибрантна фри-импро сцена. Групата работи по принципот на „инстант композиција“ а ја води спонтаноста во изразот. Спејс Трио се современи, слободни импровизатори и креатори на звук. Музичари, кои обрнуваат внимание на вибрациите, не како реакција на фиксирана идеална изведба, туку, како авантура и се чини, секогаш звучат различно. Членови на оваа формација се: Живко Братанов – пиано, Георги Ангелов – перкусии и Васил Хаџигрудев – контрабас. Специјално за настапот во Скопје ќе им се придружи истакнатиот џез музичар од помладата генерација од Скопје, Дени Омерагиќ (Светлост, Одрон Ритуал Оркестар).

Втората фестивалска вечер ќе се одржи утревечер на 24 септември во Македонската филхармонија со концертен настап на сега веќе култните „Сетстат“, кои одбележуваат 30 години јубилеј од своето постоење како џез формација. Публиката ќе има уникатна можност да ги слушне во досега невидено издание, во проширен состав-оркестар. Во оваа специјална вечер, пред Сетстат Оркестар ќе настапи „Toka Shitet“ (ака Идриз Амети), фронтмен на групата Blla Blla Blla со соло изведба на авторска музика на шаркија.

Фестивалот се организира во соработка со Културно-информативниот центар на Република Бугарија во Скопје, и се реализира со поддршка на Министерството за култура на Р.С. Македонија.

На почеток