Магазин

Туристите во Хрватска шокирани: Повеќе од 200 ајкули пливаат околу најголемата плажа во Сплит

Иако главната туристичка сезона веќе заврши, веста дека во нивната близина има голем број морски предатори предизвика неверување кај туристите во Хрватска.

Во хрватските мориња живеат десетици различни видови ајкули. Истражувањето на хрватско-словенечкиот тим покажа дека повеќе од половина од нив се загрозени. Нив главно им се заканува риболов, бидејќи често се заплеткуваат во мрежи. Иако стотици ајкули пливаат во Јадранското Море, тие ретко се гледаат бидејќи обично се држат настрана од преполните плажи. Сепак, група ајкули престојува во близина на најголемата плажа во Сплит во последните неколку недели.

„Еве група ајкули кои дојдоа да се парат. Проценуваме дека во август ги имало меѓу 200 и 300“, објаснил за хрватските медиуми, хрватскиот истражувач и предавач Ален Солдо, додавајќи дека луѓето ретко ги забележуваат бидејќи обично пливаат подлабоко во водите.

Повеќето од нив се безопасни видови ајкули, со големина од околу метар и половина. Солдо објасни дека од време на време во хрватското море влегуваат опасни видови ајкули, но, според него, тоа е прилично ретко.

Последниот фатален напад на ајкула во Хрватска е забележан во седумдесетите години на минатиот век во Локва Рогозница.

На почеток