Магазин

Шејла Камериќ со самостојна изложба во Скопје – „Доаѓаме со поклон“

На 27-ми Септември во Чифте Амам во 19:00 се отвара голема изложба на познатата уметница Шелја Камериќ насловена „Доаѓаме со поклон“.

Во пријателска соработка помеѓу КРИК – фестивал за критичка култура и Фестивалот за феминистичка култура и акција – ПРВО ПА ЖЕНСКО, првпат во Македонија ќе пристигне Шејла Камериќ, една од најзначајните уметници со огромен број меѓународни референци, со изложбата со наслов „Доаѓаме со поклон“.

Шејла Камериќ (Сараево, 1976) живее и работи во Берлин, Истра и во Сараево. Студирала на Уметничката академија во Сараево. Се занимава со теми што произлегуваат од нелинеарни историски наративи и лични приказни. Камериќ се фокусира на политиката на сеќавањето, облиците на отпор во човековиот живот и на особеностите со кои резултира борбата на жените.

Претставувањето на делото на Шејла Камериќ во Скопје го разгледува долгогодишното портретирање на жените како вештерки и/или предмети. Алудирајќи на добро познатите тематски интереси на радикалниот феминизам, социјалистичкиот феминизам и постструктуралистичките гледишта, изложбата исто така има цел да расветли обични, домашни и познати секојдневни елементи и да им даде акцент на проблемите на кои обично не им обрнуваме многу внимание. Оваа намера е внимателно внесена во новата измена на централното дело на изложбата „Доаѓаме со поклон“, кое прикажува необично долга, тенка црвена ткаенина што почнува како типичен украс – панделка од женската долна облека и завршува така што ја заплеткува публиката со својата сопствена материјалност. Овој гест – претераното издолжување на панделката – си поигрува со идејата за предмет што и не е веќе предмет, туку има свој сопствен живот, своја сопствена волја и моќ.

Метафоричката вредност што ја содржи ова дело постои и во многу други на разни начини. Многу од делата нè потсетуваат на предмети од домаќинството и на типично женски рутини: плетење, ткаење, работа во градината; да се биде мајка; па дури и да се биде подарок, подарен некому (затоа, доаѓаме со поклон). Шејла Камериќ ги употребува овие процеси и состојби за да ги истражи и доведува во прашање (де)конструкцијата на родот, идентитетот, интимноста и сексуалноста, како и општествената, политичката и економска потчинетост на жените и нивните претстави во рамките на патријархалните општества и неолибералниот капитализам. Во таа смисла зборот „поклон“ со англискиот „спелинг“ bow би можел различно да се прочита и протолкува: тоа bow се однесува и на наведнување, свивање, покажување дека се предаваме, покоруваме, прифаќаме, што исто така вообичаено може да се види пред или по перформансот. Да се прочита зборот различно и да се согледа и со оваа конотација исто така е поврзано со тоа како живееле жените во општествата што ни се познати досега.

Изложбата е во соработка со Националната галерија „Чифте амам“, кои како и секогаш го промовираат современиот концепт на отворени јавни институции. Кураторка на изложбата е Наталија Пауниќ. Воедно, во рамките на изложбата ќе имаме ретка можност да го проследиме разговорот и претставувањето на Шејла Камериќ, преку кој ќе имаме привилегија да ги слушнеме мноштвото родови, политички, уметнички, естетски и социо-културни перспективи на уметницата. Преку разговорот ќе нѐ води кураторот, историчар и теоретичар на уметност и култура од Белград, Бранислав Димитриевиќ, но секако Камериќ ќе биде отворена и за прашања и коментари од посетителите на изложбата“, велат организаторите на настанот.

КРИК – фестивал за критичка култура и Фестивалот за феминистичка култура и акција – ПРВО ПА ЖЕНСКО со оваа изложба имаат цел да отворат критичка дебата за влијанијата, дијалогот и полемичките перспективи на современата уметност и нејзината одговорност во преиспитувањето на важните општествени прашања, кои ги засегаат плуралните идентитетски стереотипи преку кои културата има опресивна и маргинализирачка улога, особено кога станува збор за читањето на родовиот, женски наратив.

Изложбата ќе вклучува и дела пренесени од нејзината последна соло изложба во Белград, „Мајката е кучка“, други фотографски дела („Емабаразада“ и „Непознато“), како и дела од сериите „Мажена “, „Исчезната“ и „Дигитални актови“. Исто така, ќе содржи и едно ново дело, „Градина со рози“, кое продолжува со истражувањето на формалната линија што ни е веќе позната од „Мажена“, истовремено носејќи ја заробеноста на женското тело во различна насока. Плетените цвеќиња или поточно рози (цветови исполнети со симболичното значење на љубовта, моќта, убавината, сексуалноста, мистицизмот и жртвувањето) веднаш нè потсетуваат на Hortus conclusus, мотив од христијанската иконографија, популарен во доцниот среден век и раната ренесанса. Како што тврди Лиз Херберт Мекевој од Универзитетот „Свонси“: „Идејата да се заштитат жените од грев е неискрена, иако сеприсутна. Во повеќето култури на женската сексуалност се гледа како на опасна од страна на мажите. Со нејзиното затворање тие ја спречуваат таа закана, а истовремено се преправаат дека ги заштитуваат жените од мажите“.

На почеток