Експлозија во образовен центар во Кабул, загинаа најмалку 19 лица
Полицијата во Кабул соопшти дека во експлозија во образовен центар во главниот град на Авганистан загинале најмалку 19 лица, а многу други се повредени.
Експлозијата се случи во образовниот центар Каај во областа Даште Барчи на запад од градот. За време на инцидентот студентите полагале испит.
Многумина од оние што живеат во областа припаѓаат на хазарското малцинство, кое беше цел на напади во минатото. Засега ниту една група не ја презеде одговорноста за нападот.
Портпаролот на Министерството за внатрешни работи на Талибанците изјави дека безбедносните екипи се на местото на настанот и го осудуваат нападот.
„Ова ја покажува нечовечката суровост на непријателот и недостатокот на морални стандарди“, изјави Абдул Нафи Такор, пренесе Би-Би-Си.
Талибанците се вратија на власт во Авганистан минатиот август и велат дека се обидуваат да ја вратат стабилноста во областа. Сепак, нападите на Исламската држава продолжуваат.