Славјанка Петровска на регионалниот политичко-безбедносен форум во Црна Гора


Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска учествува на регионалниот политичко-безбедносен форум „2БС – Да се биде безбеден“ во Будва, Црна Гора.
Петровска ќе се обрати на панелот „НАТО подготвен за иднината – силен и отпорен“, заедно со заменик премиерот и министер за одбрана на Црна Гора, Рашко Коневиќ, и министерот за одбрана на Босна и Херцеговина, Сифет Поџиќ.
На овогодинешниот форум ќе бидат опфатени повеќе теми и области кои претставуваат предизвик за регионалната и глобалната безбедност, како војната во Украина и реперкусиите врз Западен Балкан, борбата со дезинформациите, европерспективата на Западен Балкан, одговорноста на агенциите за разузнавање на Западен Балкан, големата геостратешка конкуренција, значењето на сојузот помеѓу Русија и Кина, Отворен Балкан и други.
Покрај министерката Петровска, на настанот ќе земат учество и други високи претставници од државите во регионот, меѓу кои и претседателите на Словенија и Црна Гора, Борут Пахор и Мило Џукановиќ, заменик генералниот секретар на НАТО Мирчеа Џоана, министри за одбрана и министри за надворешни работи од регионот, претставници на академската заедница и експерти, а најавено е и преку видео врска да се вклучи украинскиот претседател Зеленски.
