Медведев: Москва мора да одговори на терористичкиот напад на мостот на Крим
Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев изјави дека Москва мора да одговори на терористичкиот напад на мостот на Крим со ликвидација на одговорните терористи.
Медведев, во своите писмени одговори, објавени на профилот „Телеграм“ вели дека „Русија може да одговори само со елиминирање на терористите, како што е случај во целиот свет“.
„Ова го очекуваат руските граѓани“, рече Медведев, пренесе ТАСС.
Злосторството, во кое загинаа три лица, тој го препишува на како што ја нарекува „пропаднатата украинска држава“.
„Тоа беше терористички чин и саботажа извршени од криминалниот режим на Киев. Никогаш немаше никаков сомнеж во тоа. Сите извештаи зборуваат во прилог на тоа“, нагласи Медведев.
Цистерна експлодира на Кримскиот мост во саботата наутро, предизвикувајќи истекување нафта од камионот и пожар во блискиот воз.
Покрај трите жртви, оштетувања имаше и на мостот, но во меѓувреме е обновен железничкиот и копнениот сообраќај.
На средбата со рускиот претседател Владимир Путин во неделата вечерта, шефот на рускиот Истражен комитет Александар Баструкин изјави дека зад терористичкиот напад стојат украински специјални сили, а како соучесници имаат руски државјани и странци.
Путин рече дека нападот го извршил режимот во Киев и дека целта е да се уништи виталната руска цивилна инфраструктура.