Русија знае кој стои зад нападот на мостот на Крим
Руската Федерална служба за безбедност објави дека знае кој стои зад нападот на мостот на Крим, кој го поврзува анектираниот полуостров со остатокот од Русија.
„Организатор на терористичкиот напад на мостот на Крим е Главната разузнавачка управа на Министерството за одбрана на Украина и нејзиниот шеф Кирил Буданов“, се вели во соопштението на ФСБ.
ФСБ соопшти дека во рамките на истрагата за терористичкиот напад на мостот на Крим привела пет државјани на Русија и тројца државјани на Украина и Ерменија, а за организатор на терористичкиот напад е прогласена украинската воена разузнавачка служба, пренесува Интерфакс.
Уапсените учествувале во подготовката на злосторството, соопшти денеска руската тајна служба.
ФСБ соопшти дека заедно со Истражниот комитет е утврдено дека „организатор на терористичкиот напад на мостот на Крим бил Главната разузнавачка управа на Министерството за одбрана на Украина, нејзиниот шеф Кирил Буданов, вработени и агенти“.
Како што утврди истрагата, експлозивната направа била камуфлирана во ролни со градежна полиетиленска фолија на 22 палети со вкупна тежина од 22.770 килограми и на почетокот на август „испратена од морското пристаниште Одеса во бугарскиот град Русе по договор бр. 02.08.2022 помеѓу Транслогистик ДОО УА“ (Киев ) и „Балтек Капитал СА“.
Разузнавачката служба нагласи дека истрагата за нападот продолжува, а сите нејзини организатори и соучесници, „вклучувајќи и странски државјани, ќе одговараат во согласност со руските закони“, наведува Интерфакс.
Рускиот претседател Владимир Путин на 9 октомври изјави дека експлозијата на клучниот мост што го поврзува Крим со Русија е терористички чин, планиран од украинските специјални служби.