Самостојна изложба и промоција на книга на Невена Алексовски


На 13-ти октомври во 19:00 во просториите на PrivatePrint ќе се отвори првата самостојна изложба на уметницата Невена Алексовски кај нас, насловена „Земјата во нашите џебови“. На изложбата ќе се промовира и нејзината нова книга со наслов „Меланхолија на напуштените краишта“, која ја уреди и издаде PrivatePrint. Изложбата е во склоп на јубилејното издание на фестивалот за феминистичка култура Прво па женско организиран од Тиииит! Инк.
Невена Алексовски е словенечка уметница со македонско потекло која е активна на словенечката независна уметничка сцена со бројни самостојни и групни изложби. Со изложбата „Земјата во нашите џебови“ ги истражува нејзините семејни корени, потеклото и припадноста и на односот кон земјата. Тргнувајќи од сопственото и семејното искуство на преселба, таа го претставува сложеното преплетување на историјата, родот и личните географии, дополнето со разновидни социо-политички пластови. Заедно со изложбата ќе ја промовира и својата книга „Меланхолија на напуштените краишта“, која дополнително ќе овозможи да ги проследиме патеките и личната динамика на нејзините претци.
