Свет

Бајден: Не гледам рационална причина да се сретнам сега со Путин

Американскиот претседател Џозеф Бајден рече дека не гледа добра причина да се сретне со Владимир Путин на средината на следниот месец на самитот на Г-20 во Индонезија.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров вчера изјави дека Москва нема да ја одбие таа средба.

„Се зависи од тоа што Путин би сакал да разговара. Ако сакаше да зборува за затворената американска кошаркарка во Русија, Бритни Грајнер, тогаш би можеле да разговараме. Но, слушајте, неговите постапки се брутални. Верувам дека извршил воени злосторства, па не гледам рационална причина да се сретнам со него сега“, изјави Бајден за Си-Ен-Ен.

За војната во Украина, тој рече дека не верува оти Путин ќе употреби нуклеарно оружје.

„Не верувам во тоа. Мислам дека е неодговорно Путин да зборува за тоа, идејата дека лидерот на една од најголемите светски сили вели дека може да употреби тактичко нуклеарно оружје во Украина“, додаде Бајден.

Бајден рече дека заканите на Путин имаат дестабилизирачки фактор и предупреди на потенцијални грешки во расудувањето.

„Поентата што сакам да ја наведам е дека грешките може да доведат до ужасен исход, но не затоа што некој сака сè да претвори во светска војна. Меѓутоа, кога еднаш ќе употребите нуклеарно оружје, кој знае што ќе се случи“, рече Бајден.

На почеток