„Ситуацијата е сè уште многу тешка во регионите Доњецк и Луганск“, вели Зеленски
Украинската армија сè уште го држи стратешкиот источен град Бахмут и покрај повторените руски напади, додека ситуацијата во регионот на Донбас останува многу тешка.
Ова синоќа го изјави претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
Тој во видео-обраќање рече дека руските ракети и беспилотни летала продолжуваат да ги гаѓаат украинските градови, предизвикувајќи уништување и жртви, пренесе Ројтерс.
„Продолжуваат активните борби во различни области на фронтот. Ситуацијата е сè уште многу тешка во регионите Доњецк и Луганск“, рече Зеленски.
Тој додаде дека најтешка е ситуацијата во правец на Бахмут, како и претходните денови, но дека тие ги држат своите позиции.
Украинскиот претседател тврди и дека речиси 65.000 Руси се убиени од почетокот на конфликтот во таа земја, што е многу поинаква од официјалната проценка на Москва, наведува британската агенција.