Свет

(ВИДЕО) Киев повторно нападнат

Во Киев се огласија сирените за воздушен напад, проследени со експлозии.

Според првите информации, прво се слушнале три силни експлозии предизвикани од дронови. Експлозиите се слушнале последователно околу 6:35, 6:45 и 6:58 часот по локално време.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, околу 7 часот и 30 минути соопшти дека Киев бил повторно нападнат.

Пред тоа, тој објави дека првите три експлозии се случиле во областа Шевченко, исто како и минатиот понеделник. Оштетени се неколку станбени згради, додаде тој.

Тој изјавил и дека избувнал пожар во нестанбена зграда и дека пожарникарите се на терен, пренесува Укринформ.

Кличко предупреди дека заканата од воздушни напади продолжува и ги повика граѓаните да останат во засолништа.

Шефот на кабинетот на претседателот на Украина, Андриј Јермак изјави дека руските сили го нападнале Киев со беспилотни летала камикази.

„Русите мислат дека тоа ќе им помогне, но таквите акции се како агонија. Ни требаат повеќе системи за противвоздушна одбрана и тоа што е можно поскоро. Немаме време за бавна акција. Повеќе оружје за заштита на небото и уништување на непријателот“, рече Јермак.

Пред седум дена во воздушните напади врз Киев и други украински градови загинаа 19 лица, а повеќе од 100 беа повредени.

На почеток