Магазин

(ВИДЕО) Сценариото за култен филм продадено за повеќе од 300.000 евра

Ракописот на сценариото на филмот на Жан-Лук Годар „Презир“, кој и припадна на Брижит Бардо, е продаден нешто повеќе од еден месец по смртта на мајсторот на францускиот нов бран, за 408.000 долари, објави аукциската куќа Кристи.

Ракописот се состои од 59 страници напишани со пенкало и 24 отчукани страници, кои се полни со коментари и корекции напишани од раката на француско-швајцарскиот режисер.

Содржи и белешка од италијанскиот писател Алберт Моравија, чиј роман е адаптиран во сценарио, како и белешки од актерите: Брижит Бардо, Мишел Пиколи, Џек Паланс и режисерот Фриц Ланг, кој се појавува во неговата сопствена улога.

Аукциската куќа „Кристис“ привремено го процени сценариото на околу 115 до 180 илјади долари, за на крајот да достигне 408.000 долари, вклучувајќи ги и трошоците.

Ова е комплетниот ракопис на првата верзија на филмот, без „голите“ сцени што на режисерот му ги наметна американската продукција на филмот.

Тоа е „единствената позната ракописна верзија на сценариото“ на овој филм објавен во 1963 година, кој и припаѓал на Брижит Бардо пред да го продаде на нејзиниот пријател фотограф Гилан Дисар, познат како Џики.

Еден од монументалните уметници на светската кинематографија, Жан-Лук Годар почина на 13 септември на 91-годишна возраст.

На почеток