Свет

Европа го зголемува купувањето на руски течен гас

Европа го зголемува купувањето на руски течен гас за да го пополни дефицитот предизвикан од суштинското ограничување на количината на оваа енергија што пристигнува преку гасоводите на „Гаспром“.

Русија е на четвртото место по извоз на течен гас во Европа, а експертите предупредуваат дека континентот повторно би можел да западне во замката да и даде на Москва инструмент за политичка уцена.

Полскиот портал „Интерија“ наведува дека од почетокот на руската специјална воена операција во Украина се посветува големо внимание на зависноста на Европа од рускиот гас кој преку гасоводи се доставува до Западот, но помалку се зборува за набавка на течен гас.

Според весникот, Русија е четврти извозник на течен гас во светот: во 2021 година испорачала 40 милијарди кубни метри од оваа енергија по морски пат, а оваа година околу 78 отсто од течниот гас од Русија биле доставени до земјите кои ги наметнале сите можни санкции кон Москва.

Соработниците на Универзитетот Колумбија предупредуваат дека континуираната зависност на Европа од снабдувањето со течен гас од Русија претставува ризик од користење на енергетските резерви како инструмент за политичка уцена.

Ана Софи Корбо и Диего Ривера Ривота од Универзитетот Колумбија нагласуваат дека по почетокот на специјалната воена операција во Украина, само Литванија и Велика Британија престанале да увезуваат течен гас од Русија.

Истовремено, Франција го зголеми купувањето на течен гас од Русија за пет милијарди кубни метри, а Шпанија, Белгија и Холандија исто така го зголемија увозот на овој извор на енергија од Русија во помали количини.

Надвор од границите на Европа, Русија го извезува најголемиот дел од својот течен гас во североисточна Азија, односно во Кина, Јужна Кореја и Тајван, кои имаат долгорочни договори со руските добавувачи на течен гас.

Кина во првите осум месеци од оваа година го зголеми увозот на течен гас од Русија за 13 отсто, а Тајван за четири отсто. Нарачките од Јужна Кореја се намалени за 16 отсто.

На почеток