Актуелно

218 бродови блокирани поради Русија, Зеленски реагира: „Навистина болни луѓе“

Претседателот на Украина Володимир Зеленски изјави дека Русија го става светот на работ на криза со храна.

„Што слушна светот? Дека некој наводно лансирал беспилотни летала од транспортер за жито. Што да кажам? Навистина болни луѓе. Но, овие болни луѓе повторно го ставаат светот на работ на тешка криза со храна“, рече Зеленски, пренесе Униан.

Претседателот на Украина додаде дека Русија е единствениот виновник за поскапувањето на храната на огромното подрачје од Западна Африка до Источна Азија.

Тој рече дека Русија е одговорна за катастрофалниот недостиг на храна во Етиопија, Јемен или Сомалија.

„Се разбира, партнерите со уцена се обидуваат да ја убедат терористичката држава малку да забави. Но, дали е тоа реално? Засега, фактите покажуваат дека руското раководство е повеќе заинтересирано за влошување на кризата со храна отколку за исполнување на потпишаните документи “, заклучи Зеленски.

Тој исто така рече дека украинските сили одбиле жестока офанзива на руските трупи во областа Доњецк на истокот на земјата, пренесе Ројтерс.

„Денеска ги запреа жестоките офанзивни дејства на непријателот“, рече Зеленски во ноќното обраќање.

Најжестоките борби во регионот на Доњецк се водат околу градовите Бахмут и Авдиевка, соопшти агенцијата.

Блокирани се 218 бродови

Поради одлуката на Русија да го прекине учеството во договорот за извоз на жито, блокирани се 218 бродови, соопшти украинското Министерство за инфраструктура, пренесе Ројтерс.

Бидејќи Украина немала дозвола од заедничкиот координативен центар да помине низ безбедниот коридор, 218 пловни објекти биле блокирани на нивните сегашни позиции, објави Министерството на каналот Телеграм, пренесе британскиот весник „Гардијан“.

Министерството соопшти дека 95 натоварени пловни објекти кои ги напуштиле украинските пристаништа чекаат на проверка за испорака до крајниот потрошувач, а 101 празен брод чекаат на проверка на влезот во украинските пристаништа.

Наведено е и дека 22 брода со земјоделска стока чекаат да ги напуштат украинските пристаништа.

На почеток