Три брода натоварени со жито ги напуштија украинските пристаништа
Три брода натоварени со жито ги напуштија украинските пристаништа откако Русија го суспендираше учеството во Црноморската иницијатива за жито.
Ова го соопшти координативниот центар за иницијативата за жито при Обединетите нации.
Во соопштението се наведува дека бродовите го напуштиле пристаништето по заеднички договор меѓу делегациите на Украина, Турција и ОН, како и дека членовите на руската делегација биле информирани за договорот, пренесува Ројтерс.
Се додава дека претставникот на координативниот центар Ами Абдула ги продолжува разговорите со сите страни за да се осигура дека бродовите со жито непречено минуваат низ безбедносниот коридор.
Русија во саботата објави дека го прекинува учеството во Иницијативата по нападот со дрон во Севастопол.
Договорот што го постигнаа Украина и Русија на 22 јули во Истанбул, со посредство на Обединетите нации и Турција, резултираше со извоз на неколку милиони тони прехранбени производи од пристаништата на Црното Море во Украина.