Најбогатите Руси изгубија повеќе од 83 милијарди долари
Богатството на најбогатите руски бизнисмени е намалено за 83,4 милијарди долари од почетокот на 2022 година, покажува денеска објавениот индекс на милијардери на Блумберг.
Според пресметката на Блумберг, богатството на Владимир Потањин, претседателот на холдингот Интерос и рударската компанија Норникл, сега изнесува 29,8 милијарди долари, што е за 1,08 милијарди долари помалку отколку на почетокот на годината, пренесува Тас.
Леонид Микелсон, претседател на Управниот одбор на Новатек, изгубил пет милијарди долари од јануари 2022 година и неговото нето богатство се проценува на 27,4 милијарди долари. Алексеј Мордашов, претседателот на Управниот одбор на Северстал, сега има 21,1 милијарди долари, односно 7,78 милијарди долари помалку отколку на почетокот на годината.
На листата се најдоа и претседателот на Управниот одбор на НЛМК Владимир Лисин со богатство од 20,2 милијарди долари по загуба од 7,8 милијарди долари, потоа поранешниот извршен директор на Лукоил Вагит Алекперов, кој е „полесен“ за 1,86 милијарди долари, а сопственикот Алишер Усманов на Металоинвест загуби 3,38 милијарди долари.
Акционерот на Новатек Генадиј Тимченко загуби 8,35 милијарди долари, додека поранешниот неизвршен директор на производителот на вештачки ѓубрива, Групацијата EuroCem, Андриј Мелниченко загуби 3,88 милијарди долари во изминатите десет месеци.