Сторила ли Русковска кривично дело со признавањето „Не ни беше дозволено да постапуваме“


Обвинителката Вилма Русковска која беше и шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, а претендира да остане на функцијата, во емисијата „Стадион“ призна дека не процесуирала предмети во време на владеењето на Никола Груевски, против тогашни функционери. Таа има свои оправдувања за овој чекор.
Истовремено, според Кривичниот законик, ова може да е казниво. Во него стои дека самото непријавување е кривично дело. Во случајот на Русковска, таа беше прашана зошто пред да се формира СЈО, таа и нејзините шефови не процесуирале ниту една од аферите отворени од тогашната опозиција (СДСМ), а таа кажа дека не и било дозволено. Но тоа не го потврди со ниту еден вербален или материјален доказ, ниту пак, има поднесено било каква претставка против нејзините надредени кои и биле шефови во тоа време.
„На мојот поранешен шеф, веќе беше избран за судија во Стразгубр. Бевме на некоја конференција. И јас му кажав, Јове, два предмети да ги процесуиравме од тие материјали и докази кои ги достави тогашната опозиција..“, вели Русковска во „Стадион“, а прашана дали Јове е баџанакот на Мијалков, одговара потврдно и продолжува: „Да дозволевте да се процесираат, немаше да постои СЈО, обвинителството ќе си беше со еден чист образ, дигнитет. Нас не ни беше дозволено да постапуваме по тие предмети“.
Прашана од водителот кој не и дозволил, таа додава: „Тогашните шефови, Зврлевски, Јован Илиевски. И сите опструкции кои се правеа кога се формираше СЈО, што се правеа, беа смислени од Јове, Марко Зврлевски и тогашниот претседател на судот Владимир Панчевски. Мислам ги спроведуваа замислите на Јован Илиевски“.
Според Кривичниот законик, непријавување на подготвување на кривично дело, како и непријавување на кривично дело или сторител – се кривични дела сами по себе. Па така, во членовите 363 и 364 од Кривичниот законик, има предвидено и казни за лицата кои ќе го прекршат членот.
„Тој што знае дека се подготвува извршување на кривично дело за кое според законот може да се изрече казна затвор од пет години или потешка казна, па во времето кога се уште било можно да се спречи неговото извршување не го пријавил тоа, а делото било во обид или извршено, ќе се казни со парична казра или со затвор до една година“, стои во членот 363 од КЗ, додека во 364 се вели: „Службено лице кое свесно ќе пропушти да пријави кривично дело за кое дознало во вршењето на својата должност, ако за тоа дело според законот може да се изрече казна затвор од пет години или потешка казна, а делото се гони по службена должност, ќе се казни со парична казна или со затвор од една до три години“.
Јавниот обвинител и правосудната полиција за сторено кривично дело дознаваат со непосредно забележување, по допрен глас или по примена кривична пријава. Секој може да пријави кривично дело кое се гони по службена должност.
Сите државни органи, јавни претпријатија и установи се должни да ги пријават кривичните дела за кои се гони по службена должност, а за кои се известени или за нив дознале на друг начин. Поднесувајќи ја пријавата, пријавителите ќе ги наведат и доказите што им се познати и ќе преземат мерки за да се зачуваат трагите од кривичното дело, предметите што се употребени во неговото извршување или настанале од извршувањето и други докази.
Засега, од информациите кои ги има „Скопје1“, Русковска не пријавила ниту дека некој и забранува да постапува во времето пред 2016 година, ниту пријавила кривично дело, ниту водела постапка за предметите кои подоцна ги процесуираше СЈО, а беа дел од прислушуваните разговори.
Русковска, во друга емисија посочи дека таа не потпаѓа под влијанија и дека постапува согласно Кривичниот законик и Законот за кривична постапка. Со нејзиното тврдење дека некој и забранил да постапува, си ги побива сопствените тврдења.
Засега нема став од ОЈО-Скопје, дали за овој случај ќе отвори и предмет по допрен глас, со оглед дека постојат инидиции за сторено кривично дело
