Свет

Северна Кореја: Лансирањата на балистички проектили беа симулација на напади врз Јужна Кореја и САД

Минатонеделните лансирања на балистички проектили беа симулација на напади врз Јужна Кореја и САД, објавија денеска севернокорејските воени претставници.

Исто така, како што се додава, лансирањето било и одговор на „опасните воени вежби“ на тие земји.

Во соопштението се наведува дека се извршени симулации на напади на воздушни бази и авиони, како и на голем јужнокорејски град, со цел да се „разбие воената хистерија на непријателот“.

Јужнокорејските и американските власти соопштија дека Пјонгјанг направил технички подготовки за тестирање нуклеарно оружје за прв пат од 2017 година.

Високи дипломати од Соединетите Американски Држави, Јапонија и Јужна Кореја вчера телефонски разговараа и ги осудија неодамнешните тестови, вклучително и непромисленото лансирање на проектил што падна веднаш до брегот на Јужна Кореја, се вели во соопштението на американскиот Стејт департмент.

Брод за спасување на јужнокорејската морнарица користел подводна сонда за да ги извади деловите за анализа, рече официјалниот претставник.

Тензиите на Корејскиот полуостров се зголемија откако Пјонгјанг изврши рекорден број лансирања на проектили оваа година.

Минатата недела Пјонгјанг истрела повеќе балистички ракети, вклучително и она што се верува дека е интерконтинентална балистичка ракета (ICBM) и стотици артилериски гранати во морето додека Јужна Кореја и САД спроведуваа шестдневни воздушни вежби кои завршија во саботата.

На почеток