Свет

Шест земји сакаат да се приклучат на групата БРИКС

Алжир поднесе официјална апликација за приклучување кон групата на големи економии во развој БРИКС.

Лејла Зеруки, специјална претставничка на Министерството за надворешни работи за меѓународни партнерства, го изјави ова за алжирското државно радио, пренесе порталот Ал-Шурук.

Претседателот на Алжир Абделмаџид Тебун неодамна објави дека земјата е заинтересирана да се приклучи на групата БРИКС составена од Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка, наведувајќи дека земјата во голема мера ги исполнува критериумите за членство.

Рускиот амбасадор во Алжир, Валеријан Шуваев, во оваа прилика изјави дека Москва нема никакви забелешки за приемот на Алжир, пренесува Раша тудеј.

На овогодинешниот самит на БРИКС, одржан онлајн во јуни, се зборуваше за проширување на групата во дополнителни 13 земји, вклучувајќи го и Алжир. Првиот гостин кој зборуваше на тој собир беше претседателот Тебун, кој се залагаше за „нов економски поредок во кој ќе владее еднаквоста и правичноста меѓу земјите“.

Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков во септември изјави дека голем број земји изразиле интерес за приклучување кон БРИКС во оваа или онаа форма. Тој додаде дека лидерите на земјите од БРИКС работат на процедурата за прием на нови членки.

Алијансата БРИКС, која веќе вклучува повеќе од 40 отсто од светското население, се очекува да ја разгледа можноста за приклучување кон земјите како Саудиска Арабија, Турција, Египет, Иран и Авганистан.

На почеток