Конечна одлука: Путин нема да присуствува на самитот Г20


Рускиот претседател нема да присуствува на самитот на Групата 20 во Индонезија следната недела, изјави претставник на владата на Индонезија.
Како што пишува АП, со откажувањето на присуството на самитот, Владимир Путин се обидува да избегне можна конфронтација со САД и нивните западни сојузници за војната во Украина.
На самитот на Бали, кој почнува на 15 ноември, треба да присуствуваат претседателот на САД, претседателот на Кина, како и бројни други светски претставници, а тој самит требаше да биде прв од почетокот на војната во Украина и место на кое ќе се најдат Бајден и Путин.
Лухут Бинсар Панџаитан, шеф на поддршката на настаните на Г20, им рече на новинарите во Денпасар, Индонезија дека руската делегација ќе ја предводи Сергеј Лавров, рускиот министер за надворешни работи.
„Владата на Индонезија ја почитува одлуката на руската влада, која претседателот Путин претходно му ја објасни на претседателот Видодо во многу пријателски телефонски разговор“, рече Панџаитан, кој е и министер за поморски работи и инвестиции.
Одлуката на Путин да не присуствува на Г-20 доаѓа откако руските сили во Украина претрпеа значителни неуспеси. Руската војска во средата соопшти дека ќе се повлече од Херсон, единствениот регионален главен град на Украина што Русија го зазеде, како и од влезот на полуостровот Крим.
