Спасовски гостин во „Патот кон…“ на Алсат – М: Членството во НАТО значи безбедност за државата и регионот
Во интервјуто на Спасовски за Алсат-М, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во одговор на прашањето за безбедносната состојба во државата, истакна дека врз основа на сите расположливи информации состојбата е мирна, безбедна и без индиции да биде нарушена во овој момент.
„За нас е многу важно членството во НАТО алијансата. Среќен сум што многу брзо дојде моментот кога ќе ја видиме важноста од членувањето во НАТО, бидејќи кога станавме членка некако како имагинарно нешто гледавме на тоа. Ефекти врз безбедноста имаат агресијата на Русија врз Украина, секако во регионот сите случувања кои што се поттикнати од политичките односи итн., кои што можат да бидат сериозна индикација за нарушување на безбедноста, а можат да влијаат и врз Република Северна Македонија“, објасни Спасовски.
Во контекст на ова министерот напомена дека во Министерството за внатрешни работи функционира кризен штаб кој што пред сè ја разгледува и оценува состојбата по агресијата на Русија врз Украина, меѓутоа и збиднувањата во регионот и на основа на тоа се преземаат соодветни мерки.
„Сите институции задолжени за спроведување на законот, пред сè МВР, секојдневно 24 часовно е посветено во следење на состојбите, правење анализи и подготовка за соодветен одговор за да не дозволиме да имаме нарушување на безбедносната состојба во овој момент. Граѓаните можат да бидат спокојни дека во моментов нема никакви индиции за нарушување на состојбата“, потенцираше министерот Спасовски.
Министерот напомена дека и економската состојба и енергетската криза влијаат на безбедноста, притоа напоменувајќи дека посакува сите случувања во нашето соседство да се решат преку дијалог и на мирен начин.
„Доволно треба да бидеме свесни сите, пред сè раководствата на државите во регионот, дека имавме премногу конфликти, премногу војни кои што се пречка за развојот на нашиот регион и на нашите држави. Често сакаме да правиме паралела со развојот на западно-европските држави, за развојот на скандинавските земји итн., но ако видите дека во нашиот регион после секои 20 – 30 години имаме одреден конфликт, а на другата страна имате 300 – 400 години мир, сосема е јасно дека безбедноста е основата за развојот на една држава, па така и на Република Северна Македонија“, истакна Спасовски.