Македонија

Владата има намера да ги изманипулира студентите и да ги остави без субвенциониран студентски оброк, вели Попов

Не смее да се заборави намерата на власта да протне законско решение кое ќе ги оставеше младите без субвенциониран студентски оброк, изјави претседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ Сергеј Попов во вечерашното гостување во централниот дневник на телевизија Сител во „Тема на денот“.

Тој посочи дека намерата на Владата е да ги изманипулира студентите и да ги остави без оброк.

„Во даденото предлог законско решение од страна на СДСМ се ставени 1001 критериум кој додека стигнеме низ тие филтри на критериуми во државава ќе останеа една рака студенти кои можеа да ги земаат тие пари и тука лежи манипулацијата“, кажа Попов.

Попов потенцираше дека Владата врши рационализација на трошоците врз грбот на студентите.

„Истава оваа Влада на една од претходните нејзини седници гласаше за т.н. рационализација на трошоците на Владата, во која најголем дел од таа рационализација беше врз грбот на младите, односно на студентите и тоа што тогаш апелиравме дека владата ќе рационализира на грбот на младите сега се реализира во пракса“, изјави Попов.

Тој вели дека заклучоците донесени од страна на Клубот за млади во Парламентот не се официјални бидејќи тоа не е официјално тело.

„Клубот за млади не е официјално тело на Парламентот и заклучоците кои ќе се донесени од тоа тело исто така не се официјални. Ајде со комисијата за финансирање и буџет да направиме една јавна расправа каде ќе бидеме повикани сите. Сите младински организации, студентски организации, политички подмладоци итн. и таму да стигнеме до решение“, посочи Попов.

На почеток