Маск започна анкета: Гласајте на Твитер за да го вратите профилот на Трамп
Новиот сопственик на Твитер, Илон Маск, на Твитер започна анкета за враќање на профилот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп.
Маск покрена анкета во која побара од корисниците на Твитер да гласаат дали сметката на Трамп на социјалната мрежа, која беше затворена од претходните сопственици на компанијата, треба да биде вратена.
Првите резултати од анкетата, која започна синоќа, покажуваат дека околу 60 отсто од оние што се изјасниле гласале за, пренесува Ројтерс.
„Vox populi vox dei“, рече Маск во објава на Твитер, латинска изрека што значи „гласот на народот е гласот на Бога“.
Гласањето е отворено 24 часа, а новиот сопственик на Твитер во мај изјави дека ќе ја укине „забраната за пристап до Трамп на оваа социјална мрежа чија сметка беше суспендирана по немирите во Капитол на 6 јануари 2021 година.
Претходно вчера Маск објави дека се уште не е донесена одлука за обновување на профилот на Твитер на поранешниот американски претседател.
Тој најави дека ќе бидат обновени корисничките сметки на други контроверзни личности како Кети Грифин, Џордан Петерсон и конзервативниот сатиричен портал Babylon Bee.
Тој истакна дека „новата политика на Твитер е слобода на говор“, додавајќи дека на негативните објави кои содржат говор на омраза ќе им се намали видливоста и дека компанијата нема да заработува од нив.