Свет

„Има само еден начин Полска да влезе во војната, односно да и сврти грб на Украина“, вели полскиот премиер

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки изјави дека падот на проектилот во селото Пржеводов докажува дека доколку Украина не добие поголема поддршка, војната ќе се прошири на територијата на Полска, пишува Украинска правда.

 

Моравјецки ја потсети јавноста дека инцидентот во полското село не е прва критична ситуација, па го наведе примерот со имигрантите кои минатата година се обиделе да ја преминат границата меѓу Полска и Белорусија.

„Не ги знаеме со сигурност точните околности или причините за инцидентот во Пржеводов, но ја знаеме основната и главната причина, а тоа е руската агресија врз Украина“, истакна полскиот премиер.

Моравјецки додаде дека „денес има само еден начин Полска да влезе во војната, односно да и сврти грб на Украина“. Тој вели дека во тој случај порано или подоцна Украина ќе стане критично зависна од Русија.

„Доколку Украина не биде независна, нема да мораме ни да правиме нешто за да предизвикаме војна бидејќи таа сама ќе ни дојде. Путин нема да запре, Кремљ ќе продолжи. Пасивноста би значела самоубиство за нас“, рече Моравјецки.

Полскиот премиер истакна дека неговата земја е подготвена за инциденти како овој во Пржеводов и дека има одговори за различните можности за хибридна војна што Русија може да ја води против Полска, пишува „Украинска правда“.

На почеток