Нема назад, Агелер донесе тим од САД да ти „тресе“ корумпираните функционери
Тимот за санкции од САД пристигна во Македонија за да изврши увид во бившите и сегашните корумпирани функционери, по што ќе следува и соодветен одговор, објави американската амбасадорка Анџела Агелер на Твитер.
„Тимот за санкции од Вашингтон е тука заради поагресивен поглед на минатите и сегашните корумпирани актери и да ги разгледа сите можни одговори. На правосудниот сектор во Северна Македонија му требаат повеќе истраги и гонење за да се покаже дека никој не е над законот“, напиша Агелер на Твитер.
Ова следува неколку дена откако Габриел Ескобар, заменик-помошник на државниот секретар на САД, изјави дека американските санкции за корумпираните политичари од Балканот имаат ефект и дека САД ќе продолжат со санкционирање корумпирани функционери од регионот.
На 11 април годинава, Стејт департментот и американското министерство за финансии ги санкционираа експремиерот Никола Груевски и ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков како одговор на нивното учество во значајна корупција. Како што соопшти тогаш Стејт департментот, нивните дела ги поткопуваат владеењето на правото, демократските институции и јавните процеси и ја еродираат јавната доверба во владата. Покрај Груевски и Мијалков, Стејт департментот, на црна листа ги стави членовите на нивното потесно семејство.