Свет

Судир Курти-Брнабиќ, додека на Косово врие

Откако е решено прашањето за регистарските таблички, на криминалните банди на северот на Косово им недостасува и најмал изговор за барикади, изјави Албин Курти. Косовскиот премиер посочи дека „во соработка со КФОР работат на брзо и мирно решавање на ситуацијата“.

„Претседателот и премиерот на Србија се заканија со воена агресија, најавувајќи дека српската армија ќе се врати на наша територија. Ние нема да бараме конфликт, туку дијалог и мир. Но, дозволете ми да бидам јасен: Република Косово ќе се брани – силно и решително“, напиша Курти на Твитер.

„Она што Албин Курти го гледа како закана се нашите постојани повици за мир и стабилност, отворен и искрен дијалог, почитување и целосно спроведување на сите договори постигнати во дијалогот меѓу Белград и Приштина досега. Србија е посветена на мирот и стабилноста. Србија ги почитува сите потпишани договори: Договорот од Брисел, Вашингтонскиот договор, но и Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН и Повелбата на ОН. Вредностите на Курти се Договорот од Брисел не постои; Договорот од Вашингтон не е валиден; Резолуцијата 1244 е воена закана за Приштина, човековите права и владеењето на правото за него значат негирање на правото на глас на Србите, конфискација на имот и секојдневни закани со брутална сила. Курти вели „Не сакаме конфликт, туку дијалог и мир“, но факт е дека сега сите, дури и неговите најсилни поддржувачи од ЕУ и САД, гледаат за што тој навистина се залага и кои се неговите вредности – тоа не се мир и стабилност. Уште еднаш, и покрај неодговорното однесување на Курти и воинствената политика, повикуваме на смиреност и уште повеќе трпение. Сите протести треба да бидат мирни и демократски. Мораме да го заштитиме најважното нешто за сите, а тоа е мирот. Ќе победи мирот, а не Курти“, напиша Брнабиќ.

Првиот вицепремиер и министер за надворешни работи Ивица Дачиќ изјави денеска дека црвените линии за Србија се дека не сака нови преговори за Бриселскиот договор и Заедницата на српските општини, ниту Косово во ОН, како и физичка безбедност на Србите во Косово, јави дописникот на МИА од Белград.

– Кои се нашите црвени линии: Прво, нема преговори за она што веќе го договоривме. Второ, нема признавање на независноста на Косово или членство во Обединетите нации. Трето, нема физички напади, односно загрозување на безбедноста на Србите. Тоа се нашите црвени линии. Подготвени сме за мир, но за тоа е потребна и друга страна, истакна Дачиќ.

Дачиќ рече дека српскиот претседател Александар Вучиќ и Владата, со барањето до КФОР за враќање на припадниците на српските вооружени сили на Косово, ќе се обидат да ги „расчистат работите“ пред меѓународната заедница и да дознаат дали Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН 1244 е целосно имплементирана.

– Знаеме дека тоа се реторички прашања, односно однапред го знаеме одговорот на нив. Како што сега се обидуваат да прикажат дека Бриселскиот договор не постои, така се однесуваат и во однос на Резолуцијата 1244, изјави Дачиќ за РТС.

Тој рече дека меѓународната заедница не сака целосно да ја почитува или имплементира Резолуцијата 1244, но и дека не може да ја укине бидејќи е потребно мнозинство во Советот за безбедност на ОН, додека Приштина, додаде, веќе неколку пати барала нејзино укинување, како и УНМИК и КФОР да се укине.

Дачиќ рече дека со барањето за враќање на српската војска и полиција на северно Косово, Србија сака да укаже дека постои обврска на меѓународната заедница да ги заштити сите граѓани на Косово.

– Сите кои доаѓаат од меѓународната заедница велат дека се свесни дека се додека премиер на Косово е Албин Курти нема да има мир или договор со Приштина и дека Курти е најголемиот дестабилизирачки фактор во регионот во моментов, рече Дачиќ.

Запрашан за досегашните најголеми притисоци врз Србија, кои според најавата на Вучиќ ќе следат кога Косово ќе поднесе барање за членство во ЕУ на 15 декември, Дачиќ рече дека веројатно ќе биде „кондензација на различни видови притисоци“, да се прифати ситуацијата на теренот, некој конечен договор што би подразбирал признавање на Косово и одобрување на членството на Косово во ЕУ и Советот на Европа.

– Кога станува збор за ЕУ, постои можност тоа да се оспори иако нема мнозинство, бидејќи не е веројатно дека ќе се гласа со мнозинство, но ќе биде потребен консензус доколку некој се повика на прашањето за статусот. Чешка е претседавач, таа го добива барањето. Дали тоа барање првично ќе биде одбиено поради статусот или ќе биде испратено до Европската комисија на изјаснување, па една година ќе разговараат за тоа, зависи и од претседавачот, рече Дачиќ.

На Србите на Косово кои утрово се на барикадите, тој им порача дека Србија ќе застане на нивна страна.

-Тие сигурно нема да останат без поддршката на нивната земја. Тие можат да бидат сигурни дека ние ќе вложиме максимални дипломатски напори, се надевам само дипломатски и политички за да го заштитиме нашиот народ на Косово и Метохија, доколку е потребно, и на другите, се разбира, порача Дачиќ. об/паг/

На почеток