Откриена комора за мачење на деца во Херсон
Комесарот на украинскиот парламент за човекови права, Дмитро Лубинец, денеска соопшти дека украинските истражители во ослободената област Керсон откриле затворска ќелија каде што наводно биле приведувани и малтретирани деца.
Како што наведе тој, ќелијата се наоѓа во еден од четирите откриени затвори за мачење во Керсон, град во јужна Украина кој минатиот месец беше напуштен од руските сили, пренесува Ројтерс.
– Најдовме 10 затвори кои се користеа за мачење во регионот Керсон, четири во градот Керсон. Во еден од затворите најдовме посебна просторија во која се чуваа деца. Дури и окупаторите така го нарекоа, детска ќелија – рече Лубинец на прес-конференцијата.
Тој наведува дека истражителите утврдиле дека децата добивале вода секој втор ден, како и дека врз нив бил извршен „психолошки притисок“ и им било кажано дека родителите ги напуштиле. Лубинец, исто така, рече дека околу 12.000 украински деца биле однесени во Русија од почетокот на војната во февруари, а дека 8.600 биле однесени насилно.
Лубинец, кој презентираше серија извештаи за наводна тортура, рече дека условите се полоши отколку во местата на притвор откриени во другите ослободени области. Тој не обезбеди докази за своите тврдења.
Ројтерс не можеше да ја потврди вистинитоста на неговиот извештај. Русија претходно ги отфрли обвинувањата дека цивили биле цел на воени напади во претходните операции.