Турција го има најголемото подземно складиште за гас во Европа: „Влегуваме во нова ера“
Со зголемување на капацитетот за складирање на природен гас во Силиври, Истанбул, Турција го има најголемото подземно складиште за гас во Европа.
Во Силиври се одржа програма по повод завршувањето на проектот за зголемување на капацитетот на подземното складиште за гас, каде што говореше турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Anadolu Agency (AA), а пренесува порталот biznisinfo.ba.
„Со зголемување на капацитетот, Силиври стана најголемото подземно складиште за гас во Европа“, рече Ердоган.
Тој нагласи дека Турција денес со енергетските услуги што им ги дава на своите граѓани и индустријата е 17-та земја во светот по количина на залихи.
„Влегуваме во нова ера во која ќе ја доведеме нашата земја на врвот со жнеење на плодовите од напорите што ги вложивме во последните 20 години“, рече Ердоган и додаде:
„Целта е што поскоро да ја трансформираме нашата земја во глобален центар каде што ќе се одредува референтната цена на природниот гас. Ја одредивме нашата енергетска визија за намалување на нашата надворешна зависност од примарните ресурси од 71 отсто на 13 отсто до 2053 година”
По зголемувањето на капацитетот, складиштето ќе може да задоволува приближно осум отсто од годишните потреби на Турција за природен гас.
Потребите од електрична енергија на објектот ќе ги задоволува ветерна турбина со инсталирана моќност од 4,2 мегавати. Капацитетот за складирање се зголеми од 3,2 милијарди на 4,6 милијарди кубни метри.
Дневниот повратен производствен капацитет се зголеми од 28 милиони на 75 милиони кубни метри.